Од денеска (11 март) во скопското кино Синеплекс ќе игра американско-македонскиот филм „Уште една игра“ (One More Game), во режија на Холанѓанецот Ник Јансен. Продуцент е Никола Китановски, кој од 2008 живее во Лос Анџелес, продукцијата е на „Моушн креатив“ од САД, а сценариото и монтажата се на Јансен. Филмот е снимен со американски пари, а снимањето било во 2023 во Македонија со голема македонска екипа.
„За нас е важно што, без разлика дали го правиме тоа за без пари или за малку пари, ние го правиме затоа што сакаме да раскажуваме приказни. Ние не сме филмаџии кои одат на црвен килим и се сликаат и луѓе те познаваат, туку сме филмаџии за да раскажуваме приказни што ќе останат долги години откако нас ќе нè нема. Ник и јас снимавме реклами во Македонија и еден ден ми кажа: ‘Сакам да снимам филм во Македонија. Имам идеја, сакам да ја развиеме и да снимиме филм‘“, рече Китановски.
Во филмот играат Петар Маниќ, Тони Михајловски, Ведран Чешарек, Александра Пешевска, Зефанаја Тери, Марјан Наумов, Жаклина Стефковска, Марија Јанчевска, Далиа Стоименова и Јасмина Василева.
Китановски и Јансен рекоа дека знаеле оти за кастингот најголем предизвик ќе им биде да најдат 16-годишно момче или млад човек кој зборува течно англиски и ќе може да ја носи улогата. Кастингот го правела Милка Анчевска. Музиката е на Кирил Џајковски.
„Ние бевме спремни и да не го направиме филмот ако не го најдеме вистинскиот човек. За наша среќа, наидовме на Петар Маниќ, кој дојде на кастингот и ‘растури’. Од сите луѓе што дојдоа, Петар едноставно воодушеви со неговиот пристап. Не е само глумата или актерскиот начин, туку тоа што 16-годишно дете дојде со таква самодоверба и од старт нè освои сите“, рече Китановски, а Јансен продолжи:
„За мене како режисер, тоа е она што навистина ми требаше, морав да најдам добра врска со него. Со други актери можеби ќе имаше поголема дистанца, но со него беше веднаш: ’Ајде брат, ајде да почнеме‘“.
Филмот од 12 март ќе игра низ Македонија. За тоа дали очекуваат голем интерес од публиката, со оглед на актуелноста и популарноста на гејминг сцената, Китановски вели дека филмот го прават за публиката.
„Може да го направиме најдобриот филм, но ако никој не го види, џабе е. Се надевам дека ќе има публика. Чисто од аспект дека можеби ќе се создадат нови другарства преку тоа, ќе се поврзат генерации. Ќе дојде татко кој играл ‘Кантер страјк’ со син му кој играл ‘Кол оф дјути’. Да дојдат деца да ги видат Петар и остатантите, тие се нова генерација на актери. Такви работи, такви спомени остануваат“, рече Китановски.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: Никола Китановски и Ник Јансен