Словенечко-македонската копродукција „Фантази“, долгометражното деби на словенечката режисерка Кукла, позната и како Кукла Кешеровиќ или Катарина Решек, ќе има светска премиера во една од селекциите за награди на филмскиот фестивал во Локарно, Швајцарија од 6-16 август, еден од најважните во светот. Филмот, кој во 2023 се снимаше и во Крушево, ќе се натпреварува за Златен леопард во селекцијата Филмски автори на сегашноста.
Македонски продуцент е „Круг филм“ на Дејан Крајчевски, а филмот беше поддржан со 2,8 милиони денари (над 45.000 евра) на Конкурот на Агенцијата за филм за 2022 година во прв рок на одлучување. Филмот е во продукција на словенечката „Декември“ на Лија Погачник и Владо Булаиќ, а поддржан е од Словенечкиот филмски центар, Радио-телевизија Словенија, Креативна Европа–МЕДИА. Освен во Крушево се снимаше и во Љубљана, Словенија и Трст, Италија.
Кукла се прослави режирајќи музички спотови за различни поп-ѕвезди од регионот на поранешна Југославија, а дебито „Фантази“ чиј главен лик е истоимена девојка е драма за созревање што се одвива во фиктивен индустриски град и се занимава со теми како што се родот, имиграцијата и притисоците што произлегуваат од општествените норми.
Во главната Меѓународна селекција за за престижниот Златен леопард ќе се натпреваруваат 17 филмови, сите светски премиери. Меѓу нив и Раду Жуде, Абделатиф Кешиш и Бен Риверс. Жуде, кој во Локарно ја освои Специјалната награда на жирито пред две години за „Не очекувајте премногу од крајот на светот“, годинава доаѓа со долгоочекуваниот „Дракула“. Абделатиф Кешиш ќе ја продолжи својата контроверзна сага со „Мектуб, љубов моја: Втро пеење“, а Бен Риверс доаѓа со „Марево гнездо“.
Во главната селекција се и два филма од регионов, хрватскиот „Господ нема да помогне“ на Хана Јушиќ и српскот „Линии на желбата“ на Дане Комљен.
Вон конкуренција, Џеки Чен, кој треба да ја добие наградата за кариерно достигнување во Локарно, ќе го донесе „Полициска приказна“ од 1985. Ема Томпсон, која исто така ќе добие награда, ќе дојде со „Мртви на зимата“ каде глуми рибарка принудена да спаси киднапирана девојка.