Македонскиот филм за деца „Стела“ ќе биде дел од образовните програми во Шведска. Филмот ќе се користи како средство за учење на македонскиот јазик и за запознавање со културата и природата на Македонија.
Филмот ја раскажува емотивната приказна за Никола, младо момче кое заедно со својот дедо и шарпланинката Стела се соочува со предизвици како врсничкото насилство и семејните потешкотии.
Иницијатори на проекот се професорките по македонски јазик Павлина Велјаноска и Тереза Шалевска-Мирчева. „Филмот како медиум е моќна алатка која преку својот визуелен и емотивен карактер го прави наставниот процес поинтересен, инспирира креативно пишување и развива критичко размислување. Нашата цел е филмот ‘Стела’ да ја поттикне свеста кај учениците околу темата врсничко насилство, да поттикне емпатија кај нив и да им овозможи да истражуваат културни и општествени аспекти на мајчиниот јазик, збогатување на лексиката и секако запознавање со убавините на Македонија“, рече професорката Павлина Велјаноска.
„Стела“ е прв македонски детски долгометражен филм, снимен во копродукција помеѓу „Дрим Фектори“ од Македонија, „Акција Продукција“ од Србија и „Моуна“ од Германија, со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот фонд на Баден Вуртемберг во Германија.
Режисер на филмот е Стојан Вујичиќ, а продуцент е Огнен Антов.
По премиерата, „Стела“ освои награди и признанија на фестивали низ Европа. Играат: Тони Михајловски, Дејан Лилиќ, Симеон Мони Дамевски, Петар Маниќ, Христина Поповиќ и Виолета Шапковска.