Денеска (18 февруари) од 20 часот, во киното Синеплекс во Скопје премиерно ќе се прикаже филмот „Соучесници“ по сценарио на Огњен Обрадовиќ и во режија на Марко Новаковиќ. Филмот е копродукција помеѓу „Зилион филм“ (Србија), „Партизанс“ (Македонија) и „Интер филм“ (Хрватска).
Од „Партизанс“ велат дека „Соучесници“ е психолошка и социјална драма во која идиличниот живот на главните ликови нагло се менува по сообраќајна несреќа. Додека се справуваат со последиците, совеста ги прогонува, трансформирајќи ја нивната врска и доведувајќи до низа неочекувани настани.
Играат Невена Неранџиќ, Радован Вујовиќ, Аница Добра, Даница Ристовски, Зоран Цвијановиќ, Милица Јаневски, Златан Видовиќ, Анита Огњановиќ, Јован Белобрковиќ, Сара Климоска, Стојан Матавуљ, Хана Јапунџиќ, Факета Салихбеговиќ-Авдагиќ и Петар Новаковиќ.
Од 19 февруари ќе се прикажува на редовен репертоар на Синеплекс, како и низ кината во Македонија.
Продуцент на филмот е Лазар Ристовски („Зилион филм“), а копродуценти се Роберт Насков („Партизанс“) и Иван Малоча („Интер филм“). Директор на фотографија е Бојан Ракиќ, монтажер Петар Шумоња, сценограф Ирена Марјанов, костимограф Снежана Карл, маскер Нина Илиќ, композитор на оригиналната музика е Владимир Пејковиќ, а дизајнери на звук се Велибор Хајдуковиќ и Небојша Зориќ. Во постпродукцијата на звукот учествуваше и Игор Поповски од Македонија.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија и Хрватскиот аудиовизуелен центар.
Фото: Сара Климоска во сцена од „Соучесници“