СУРША РОНАН ЌЕ ЈА ГЛУМИ ЛИНДА МАКАРТНИ ВО НОВИТЕ ФИЛМОВИ ЗА „БИТЛС“

Лос Анџелес, (Дедлајн)

Ирската актерка Сурша Ронан ќе ја глуми Линда Макартни, првата сопруга на Пол Макартни, во новата колекција филмови на Сем Мендес за „Битлс“, објавија холивудските медиуми.

Мендес ќе снима четири филма за славната група, по еден за секој од членовите. Во март, Мендес гостуваше на годишниот филмски настан СинемаКон во Лас Вегас, при што на бината излезе со четворицата актери кои ќе бидат ѕвездите на филмовите, претставувајќи ги Харис Дикинсон како Џон Ленон, Пол Мескал како Пол Макартни, Бери Киоган како Ринго Стар и Џозеф Квин како Џорџ Харисон.

Се очекува Ронан да биде вклучена првенствено во филмот за Макартни и засега не е познато колку ќе се испреплетуваат четирите филма. Сите филмови ќе излезат истовремено во април 2028.

Линда Макартни беше фотографка, музичарка и активистка која се здоби со популарност во 1960-тите со нејзините портрети на „Ролинг стоунс“, Џими Хендрикс и „Дорс“. Таа се омажи за Пол Макартни во 1969 и потоа заедно го основаа бендот „Вингс“ по распадот на „Битлс“. Почина од рак во 1998.

(Фото: Гети)