„Фу Фајтерс“ очекувано ги откажа сите претстојни настапи по смртта на својот долгогодишен тапанар Тејлор Хокинс. Групата, меѓу другото, требаше да гостува на доделувањето на Греми наградите.
Педесетгодишниот Хокинс почина во петокот во главниот град на Колумбија, Богота, каде што „Фу Фајтерс“ требаше да свири на фестивал. Причината за смртта сè уште не е утврдена, додека во токсиколошкиот извештај е наведено дека во телото на Хокинс биле пронајдени траги на десет супстанци, како марихуана, опиоиди и антидепресиви.
„Се извинуваме што нема да се видиме како што планиравме. Место тоа, да го искористиме тоа време за тагување и зацелување и за да ги цениме музиката и сеќавањата што ги создадовме заедно“, соопшти групата.
По Јужна Америка, „Фу Фајтерс“ имаше закажано концерти низ САД, како и во Германија, Италија, Шпанија, Португалија, Франција и Велика Британија.
Хокинс ѝ се придружи на групата во 1997 година и потоа стана нејзиниот најпрепознатлив член, покрај фронтменот Дејв Грол.