Ова е моментот кога конечно престанав да се преиспитувам себеси, дека не сум девојката која правеше грешки, туку сум жена која конечно го презеде животот во свои раце“, рече Тамара Тодевска на промоцијата на новиот албум „Кукла жива“ вчера (3 септември) во Скопје.
Албумот има десет нови песни, кои заедно ги напишаа Тамара Тодевска и Коста Петров, а аранжманите и продукцијата се на Џијан Емин, за кого поп-ѕвездата рече дека отсекогаш сакала да соработува со него. Целиот албум е снимен со инструменти во живо, во соработка со голем оркестар и хорот „Про Арс“, во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев. За сите десет песни се снимени спотови во режија на Мартин Трајановски.
На промоцијата дојдоа многу пријатели на Тодевска од естрадата, како и нејзиното семејство.
„Овој албум ги дава одговорите на сите прашања што сте ми ги поставиле низ годините, а можеби и на оние што никогаш не сте се осмелиле да ги поставите. Цел живот имав чувство дека морам да се приспособувам, да бидам поинаква од едно, а повеќе од друго, да менувам нешто кај себе за да се вклопам во она што другите го очекуваат од мене. И долго време ми се чинеше дека грешам и дека правам нешто погрешно. Но, создавањето на овој албум ме научи на нешто многу важно: чувството во мене никогаш не било погрешно. Мојата интуиција никогаш не ме лаже“, рече Тодевска на промоцијата.

Таа ги поздрави своите деца Хана и Дарен, сестра ѝ Тијана Дапчевиќ, татко ѝ Велко Тодевски, пензиониран професор по контрабас и мајка ѝ Брана Тодевска, поранешна оперска пејачка, на која ѝ посвети песна. Во спотот за песната „Брана“ гостува Брана Тодевска, а прикажана е и снимка од првиот настап на Тамара со Маријана и Росана на Макфест во 1991, кога имала шест години. По кадрите со малата Тамара се појавува нејзината десетгодишна ќерка Хана.
На промоцијата, Тодевска рече дека нејзините блиски во изминатата година додека се снимал албумот ја виделе во секакво издание, а потоа му се заблагодари за поддршката на партнерот Лука Радовиќ, кој ѝ подари цвеќе.
Коста Петров и Тамара Тодевска се успешен тандем од 2019, кога со песната „Горда“ (Proud), чиј текст го напиша Петров, таа го освои седмото место на Евровизија во Израел и стана најуспешниот македонски претставник досега.
„Сакам да им се заблагодарам на сите кои учествуваа во овој мегаломански проект, за кој мислам дека е врв во кариерата на Тамара. Велам мегаломански затоа што од самиот старт сакавме со Тамара сѐ да биде отсвирено во живо и да има спотови за сите песни“, рече Коста Петров и додаде дека сѐ започнало со една порака што ѝ ја испратил на Тамара, во која ѝ кажал дека има песна што се вика „Кукла жива“ и ѝ го испратил текстот.

„Тамара ја знам уште од времето кога одев на училиште со Тијана. Таа беше мала, секогаш се моташе наоколу. Горд сум на неа што стана супер жена и супер пејачка. Браво за Тамара и за Коста за овој инспиративен проект“, рече Џијан Емин.
Пејачката и водителка Јана Бурческа ја водеше промоцијата и кажа дека „Кукла жива“ е лекција за сите нас.
„Кукла жива“, „Драма квин“, „Хорор“, „До крајот на светот“, „Гориш“, „Карма“, „Не поминува“, „Брана“, „Дива“ и „Силна“ се песните на албумот, кои гостите на промоцијата ги слушаа и пееја додека се прикажуваа спотовите.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. Попов