Глобалната танцова сензација „Господарот на танцот“ ќе одржи шоу во Скопје утре (7 април) во салата „Јане Сандански“ од 20 часот. На сцената ќе играат 75 танчари, а во Скопје доаѓа екипа од 100 луѓе за техника, сцена и продукција.
Ирските танчари се враќаат во Скопје по осум години по повод 30-годишнината од создавањето на перформансот. Настанот е во организација на „Пасворд проукција“.
„Скопје ќе биде домаќин на овој значаен настан, грандиозна прослава на културниот феномен, кој плени над 60 милиони обожаватели и поставува нови стандарди во креативноста и сценската продукција. За 30-годишнината од создавањето на оригиналниот перформанс на наградуваниот визионер, креатор и режисер Мајкл Флетли, претставата ќе се игра со нови костими и кореографија“, велат од „Пасворд“.
Композитор на музиката е Џерард Фахи. Јубилејните изведби почнаа во родниот град Даблин на 5 февруари и продолжија во арени низ Европа.
„Господарот на танцот“ е аудиовизуелна и музичко-театарска претстава, создадена врз основа на ирскиот фолклор. По светската премиера во 1996 стана најпродаваната претстава во историјата на шоу-бизнисот во светот.
(Фото: Фејсбук)