ХАМИЛТОН ОСТАНУВА УШТЕ ЕДНА СЕЗОНА ВО МЕРЦЕДЕС ВО ОБИД ДА ГО НАДМИНЕ ШУМАХЕР

Лондон, (Би-Би-Си)

Светскиот првак Луис Хамилтон потпиша нов едногодишен договор со Мерцедес, со кој ќе се обиде да стане најуспешниот возач во историјата на Формула 1.

Иднината на 36-годишниот Хамилтон беше неизвесна откако лани му истече договорот со германскиот тим, но тој сега ќе вози за него и деветта сезона. Хамилтон досега урна низа рекорди на Михаел Шумахер, со кого е израмнет во бројот на шампионски титули – седум.

„Заедно постигнавме неверојатни работи. Ќе се обидеме уште повеќе да го надградиме нашиот успех“, кажа Хамилтон.

Мерцедес не ја објави вредноста на договорот, но претходниот беше 30 милиони фунти годишно, плус 10 милиони во бонуси.