Принцот Хари, чие експлозивно интервју со Опра Винфри го фрли британското кралско семејство во најголема криза во изминатите децении, се врати во Велика Британија за да присуствува на погребот на неговиот дедо, принцот Филип, што ќе се одржи в сабота во замокот Виндзор.
Според британските медиуми, Хари пристигнал вчера од Лос Анџелес без сопругата Меган Маркл, која е бремена, па била советувана да не патува. Согласно здравствените протоколи, Хари прво ќе биде во карантин.
Во интервјуто со Опра, Хари и Меган, меѓу другото, открија дека во Бакингамската палата се прашувале колку темна кожа би можел да има нивниот син Арчи, но дополнително појаснија дека овие расистички забелешки не дошле од Филип и кралицата.
Бакингамската палата објави дека само 30 луѓе ќе можат да присуствуваат на погребот на Филип, кој почина во петокот на 99 години, откако повеќе од седум децении помина во брак со Елизабета Втора. Нивниот син принцот Ендрју откри дека кралицата храбро се носи со загубата, што оставила огромна празнина во нејзиниот живот.