Стендап комичарот Бојан Велевски ја најави новата турнеја „Четџипити и Македонците“, која почнува на 27 септември во Тетово, ќе помине низ повеќе градови низ Македонија, а финалниот настап е закажан за 17 ноември во Скопје.
Во фокусот на новото шоу се вештачката интелигенција и нејзиното сè поголемо присуство во секојдневниот живот. Велевски темата ја обработува низ хумор, препознатливи локални ситуации и македонскиот однос кон новите технологии.
„Секој од нас има своја ситуација со вештачката интелигенција и свој муабет со Четџипити. Сите се плашат дека тој ќе нè замени. Јас велам, работата нека ја земе, платата нека остане. А, кога ќе види со кого си има работа овде, мислам дека вештачката интелигенција повеќе треба да се плаши од нас отколку ние од неа“, рече Велевски.
На прес-конференцијата, која ја водеше Ели Пешева од „Њу момент“, таа рече дека идејата за разговор на оваа тема се појавила уште при подготовките за нејзината емисија „Reality Check“.
„Со Бојан се запознавме на подготовка на мојата емисија и разговаравме за тоа кој прв ќе остане без работа поради вештачката интелигенција“, рече Пешева.
Коавтор на текстот е Божидар Божиновски, со кого Велевски претходно соработуваше на „Све ли ја да мислам“ од 2023 и политичката сатира „Можевме“ од 2024. Пред неговите настапи, публиката ќе ја забавува Боби Додевски.
Турнејата почнува на 27 септември во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово, а потоа следуваат настапи во Театарот во Гевгелија на 7 октомври, Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица на 14 октомври, Киноверзум во Велес на 21 октомври, Домот на култура „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци на 28 октомври, Центарот за култура во Битола на 31 октомври, Народниот театар во Охрид на 5 ноември, Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп на 6 ноември, Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип на 9 ноември, Кино Козјак во Куманово на 12 ноември и во ресторанот „Парк“ во Скопје на 17 ноември. Сите шоуа почнуваат во 20 часот.
За Бојан Велевски посебен е настапот во Кочани, кој ќе биде бесплатен за публиката, како гест кон градот по пожарот на 16 март лани, во кој загинаа 63 луѓе.
„Јас не сум градежник и немам милиони, а ова е единствениот начин на кој можам да му помогнам на овој град. Мислам дека вистинското време е токму сега“, рече Велевски.
Тој додаде дека Кочани за него не може да биде само уште една станица на турнејата.
„По сè што овој град и овие луѓе поминаа, сакав да дојдеме без билети и без комерцијален момент. Не можеме да ја смениме трагедијата, но можеме барем за една вечер да бидеме заедно и да донесеме малку смеа таму каде што долго ја немаше доволно“, рече Велевски.
М. ЏАРОВСКА