Претставата „Малата Фрида“ во режија на Аница Томиќ, во изведба на Градскиот театар „Жар птица“ од Загреб, ја освои Гран при наградата на 4. издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, што се одржуваше од 15 до 18 октомври во Скопје.
„Претставата е топла, духовита и со визуелно раскошни сценографија и костими. Раскажува за тешките денови на малата Фрида Кало, која им зборува на децата на јасен и ангажиран начин за различностите и прифаќањето“, стои во одлуката на жирито во состав Игор Третињак, театролог од Хрватска, Изабела Новотни, актерка во Театарот за деца и младинци и Јулијана Мирчевска, актерка и претседателка на националниот центар „АСИТЕЖ“.
„Малата Фрида“ беше прогласена за најдобра претстава и од детско-младинското жири во состав Бисера Мојаноска, Ведран Маричиќ, Уна Дона Силјановска, Теофил Сачкарски, Саша Димитревска, Софија Петрушева и Јанис Далајоргос.
Наградата за најдобра режија ја доби Давид Зуазола за претставата „Прозорецот“ на Театарот за деца и млади „Мерлин“ од Темишвар, Романија. Оваа претстава ги понесе и специјалните награди за музика, колективна актерска анимација и за визуелен идентитет.
Наградите за актерски остварувања им беа доделени на Аманда Пренкај за улогата на Фрида Кало во претставата „Малата Фрида“ и на Таноси Сиорис за претставата „Сино“ на театарот „Хоп Сињор“ од Атина. Наградата за најдобра костимографија ја доби Дорис Крстиќ, а за сценографија – Игор Васиљев за „Малата Фрида“.
Фото: Градски театар „Жар птица“