ИДНАТА ХОЛАНДСКА КРАЛИЦА БИ МОЖЕЛА ДА СЕ ВЕНЧА СО ЖЕНА, КАЖА ПРЕМИЕРОТ РУТЕ

Амстердам, (Би-Би-Си)

Истополовите бракови се легални во Холандија од 2001 година, но се веруваше дека тоа не се однесува и на кралското семејство, бидејќи треба да има наследник на тронот. Премиерот Марк Руте сега ја разјасни ситуацијата и кажа дека крал или кралица може да се венча со лице од ист пол.

Наследничката на холандскиот престол, принцезата Амалија, ќе наполни 18 години во декември.

„Тоа се теоретски ситуации, но идната кралица би можела да се венча со жена. Владата не смета дека наследник на тронот или кралот би требал да абдицира ако сака да се венча со својот партнер од ист пол“, изјави Руте.

Ваква дебата се отвори во јавноста по објавувањето на книгата „Амалија, должноста повикува“, во која се поставува прашањето што ќе се случи ако таа одлучи да се венча со жена. Во книгата инаку не се шпекулира ништо за приватниот живот на Амалија, која треба да тргне на универзитет следната година.

Иако од владата кажаа дека истополов брак е можен, она што не е познато е што ќе се случи со наследството ако во таков брак се добијат деца преку посвојување или донор на сперма.

„Тоа е застрашувачки комплицирано. Холандскиот устав јасно кажува дека тронот може да го наследи само законски потомок“, додаде Руте.