ИГРАОРЦИ ОД ДЕЛЧЕВСКО ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ ГО ИЗИГРАА ОРОТО „КОПАЧКА“, КОЕ Е КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Орото „Копачка“, кое е впишано на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, во центарот на Скопје го изигра фолклорната група „Копачка“ од делчевското село Драмче.

Играорците ги изиграа и женската и машката изведба на орото пред промоцијата на книгата „Ехото на дамарите на пијанчани – Копачката“ од авторката Перса Стојановска, која се одржа вчера (6 март) во галеријата „Метаноја“. Фолклорната група „Копачка“ е единствениот носител на ова оро.

Се изиграа машката и женската изведба на орото (Фото: К. Попов)

Промоцијата на книгата се одржа во соработка со Балканскиот институт за вера и култура и галеријата „Метаноја“. Промоторка беше професорката и етномузиколог Велика Стојкова-Серафимовска.

Авторката Перса Стојановска е внука на ороводецот Дафчо Стојановски и ја пренесува традицијата на сите оние кои ја играле „Копачката“ како дел од животот на драмчани и пијанчани.

Во рамките на промоцијата на монографијата се отвори и изложба на автентични предмети од Пијанец (Фото: К. Попов)

Се отвори и изложба на автентични предмети од Пијанец, меѓу кои черги, фути, рачници, пешкири, фурки, троножни столчиња, бакарни и глинени садови и традиционални музички инструменти, како тапан, ќемане, тамбура и гајда. Изложбата ќе биде поставена во галеријата и во текот на следната недела.

Фото: К. Попов