Обожавателите, музичарите и поранешните колеги од „Блек Сабат“ му оддадоа почит на Ози Озборн, пионерот на хеви металот, кој почина вчера на 76-годишна возраст.
„Блек Сабат“ го изгубија својот брат, рече гитаристот Тони Ајоми, додека басистот Гизер Батлер се присети на нивниот последен настап, а тапанарот Бил Ворд сподели фотографија од нив заедно.

Музичката икона почина само неколку недели откако „Блек Сабат“ го имаше прошталниот настап во родниот град Бирмингем, на кој настапија некои од најголемите метал бендови и беа собрани 200 милиони фунти за хуманитарни цели. Озборн тогаш пееше седејќи на трон, но ги воодушеви фановите со начинот на изведбата, и покрај кревкото здравје. Во изминатите години, тој се бореше со Паркинсоновата болест и со хронични проблеми со рбетот.
Озборн инспирираше бројни генерации музичари откако со „Блек Сабат“, основан во 1968, ги поставија темелите на хеви металот.
„Невозможно е да се опише со зборови што Ози Озборн значеше за нас како бенд. Херој, икона, пионер, инспирација, ментор и, најмногу од сè, пријател“, објави „Металика“.

Хардкор легендата Хенри Ролинс кажа дека е „реткост некој да биде толку синоним за специфичен музички жанр како Ози за хеви металот“. Американскиот рок бенд „Аеросмит“ го нарече Ози „наш брат во рокот“, додека „Фу Фајтерс“ кажаа дека рокенролот немаше да биде толку забавен и гласен без Ози. Некогашниот фронтмен на „Лед Цепелин“, Роберт Плант, изјави дека Ози ја променил планетата на рокот.
„Многу сум тажен поради смртта на Ози Озборн. Тој беше драг пријател и голем пионер кој си го обезбеди местото во пантеонот на рок боговите – вистинска легенда. Тој исто така беше и еден од најсмешните луѓе што некогаш сум ги запознал. Многу ќе ми недостига“, изјави Елтон Џон.
Озборн го предводеше „Блек Сабат“ до 1979, кога првпат го напушти бендот и почна еднакво успешна соло кариера, објавувајќи повеќе од десет албуми.
(Фото: АП)