Денеска (25 јуни) започна фестивалот „Битола отворен град“, кој ќе трае до 28 јуни. Фестивалот беше отворен со изложба на оригинални плакати од младиот графички дизајнер Харис Муриќ од Гостивар, кој живее и работи во Скопје. Делата се изложени во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Битола, кој е и организатор на фестивалот.
„Во време и простор кога царуваат кичот и шундот, ретки се оние организации и институции кои работат на промовирање на урбаната култура“, рече Сашо Додовски, директор на МКЦ Битола.
Претставувајќи ја програмата, Златко Талевски, извршен директор во МКЦ, рече дека таа нуди шарени настани на отворено, без влезници, а главната цел е поддршка на младите уметници од Македонија и од странство.
Утре во „Порта џез“ од 11 часот ќе се одржи работилница за диџеи, што ќе ја води Херзел. Од 22 часот на затворениот пешачки премин кај хотелот „Епинал“ меѓународна музичка екипа од „Гнездо ФМ Џам Оркестра“ од Србија ќе одржи интерактивен концерт, во кој ќе може да се вклучи и публиката.
Програмата продолжува на 27 јуни во 11 часот во МКЦ со работилница за пишување поезија со Марија Бошковска, а вечерта од 20 часот во обновениот простор на Пациото во Музејот гостуваат диџеите Гоце, Чваре и Дабл Џи.
Фестивалот завршува со берза на винили и настапот на диџеј Чико на Широк Сокак и со вечерен концерт во Скејт паркот на бендовите „Тсар вон тајм“ од Битола, „Прекуред“ од Скопје и „Мамут“ од Охрид.
Ж. ЗДРАВКОВСКА