Од 11 до 13 јули, во Галичник ќе се одржи традиционалната Галичка свадба, а зет и невеста се Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска, објавија на прес-конференција Огнен Караѓозовски, претседателот на месната заедница Галичник и Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата на „Пивара Скопје“, долгогодишен партнер на манифестацијата.
Јован е потомок на галичкото семејство Филипоски и уште како дете одел низ Галичник облечен во носија. Вели дека отсекогаш сонувал дека еден ден ќе ја води свадбата и од мал активно учествувал во сите обичаи на манифестацијата,
Неговата идна сопруга Лилјана првпат била на Галичка свадба во 2022 и кажа дека ѝ се допаднале организацијата и традиционалните обичаи.
Првата Галичка свадба се одржа во 1963. Традиционално, почетокот на свадбениот обред вечерта на 13 јули ќе го означи побратимот со „фрлање“ на три пушки и со виорење и поставување на свадбениот барјак. Вечерта продолжува со останатите обичаи: пречек на тапаните, Свекрвино оро и Тешкото.
Денот на венчавката ќе го обележат атрактивните свадбени обреди и обичаи, како канењето на кумот, бричењето на зетот, гледањето низ прстен, пречекот на сватовите, земањето на невестата, дарувањето и други. Венчавањето ќе биде во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“.
(Фото: Галичка свадба)
.