Поранешната водителка Хелена Роза, која десет години живее во Нов Зеланд, се кандидираше за градоначалничка на општината Норт Шор, која е дел од градот Окленд. Роза вели дека се подготвува за кампањата која почнува на 1 август, а изборите се во октомври. Таа е членка на десничарската конзервативно-либерална парија АКТ, чиј лидер е вицепремиерот на Нов Зеланд, Дејвид Сејмур.
Роза вели дека ако биде избрана, ќе се бори против расипништвото на локалната власт и за напредок на малите бизниси.
„Се кандидирав затоа што бев исфрустрирана од тоа колку е оддалечен локалниот совет од луѓето на кои треба да им служи. Даноците постојано растат, но основните услуги заостануваат, патиштата се распаѓаат, сообраќајот постојано е заглавен, локалните жители се исклучени од процесите на планирање, а малите бизниси се дават во бирократија. Јас сум сопственичка на бизнис, но исто така сум и мајка и сопруга. Како што точно знам каде оди секој долар во нашите бизнис и домаќинство, така сакам да знам како се трошат парите на граѓаните од страна на локалната власт. Ако бидам избрана, ќе обезбедам транспарентност во трошењето на советот и ќе се погрижам секој долар да биде пресметан. Ќе ги третирам парите на граѓаните со почит и ќе се борам против расипништвото, за да го искористиме максимумот од нашиот локален буџет“, ни рече Хелена Роза, која во Окленд живее со сопругот Игор, синот Тијан и ќерката Кјара.

„Партијата која ме кандидираше се залага за слободен говор, индивидуална одговорност и кратење на непотребното трошење од страна на локалната власт. Во Македонија бев една од основачките на либертаријанскиот клуб ‘Атлас’, па некако е логично да сум поддржувачка и членка на оваа партија тука во Нов Зеланд“, додава Роза.
Во Окленд, таа има фирма за електричарски услуги со петмина вработени. Работи и за локалното списание „Ај магазин“, организира настани и кампањи и работи како маркетинг менаџерка. Има и своја фирма за дигитален маркетинг.
Роза вели дека голема поддршка за кандидатурата добила од семејствата во Нов Зеланд и во Скопје, вклучувајќи ги нејзината мајка Роза Катиновска, поранешна спикерка во Македонската радио-телевизија и сестра ѝ Ребека Јанковска-Ристески, поп-пејачка и активистка.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Хелена Роза со вицепремиерот на Нов Зеланд, Дејвид Сејмур, кој е лидер на партијата која ја кандидираше на изборите