НОВ ЗЕЛАНД ЌЕ ГИ УКИНЕ ЗАКОНИТЕ ЗА ЗАБРАНА НА ПУШЕЊЕТО ЗА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

Окленд, (Би-Би-Си)

Новата влада на Нов Зеланд објави дека ќе ја укине најнапредната политика за забрана на пушењето на светот со цел да се покријат загубите од намалувањето на даноците. Според законодавството усвоено од претходната влада на Џесинда Ардерн, од следната година би била забранета продажбата на цигари на сите родени по 2008.

Пушењето е водечката причина за смртни случаи што можат да се спречат во Нов Зеланд и новата политика имаше за цел да ги спречи младите генерации да ја стекнат оваа навика. Здравствените експерти силно ја критикуваа наглата промена во политиката.

Законите што Нов Зеланд ги усвои минатата година беа фалени во светот и, меѓу другото, предвидуваа ограничување на бројот на продавачи на тутунските производи и намалување на нивото на никотин во цигарите. Се проценуваше дека така би можеле да се спасат 5.000 животи годишно.

Националната партија, која победи на изборите минатиот месец, не ги спомнуваше законите против пушењето во кампањата. Одлуката за укинување на законите беше објавена од новата министерка за финансии Никола Вилис, појаснувајќи дека со приходите од цигарите ќе се финансираат даночните намалувања.

Според последните податоци, 8% од возрасното население на Нов Зеланд се пушачи и во план е оваа национална стапка да се намали на 5% до 2025 година.