КОБИ БРАЈАНТ ПОСМРТНО ПРИМЕН ВО ХАЛАТА НА СЛАВНИТЕ

Лос Анџелес, (АП)

Коби Брајант е примен во кошаркарската Хала на славните, нешто повеќе од два месеца откако го загуби животот во хеликоптерска несреќа.

Петкратниот НБА првак загина на 26 јануари, заедно со 13-годишната ќерка Џана и седум други лица.

„Ова се неверојатни постигнување и чест и ние сме многу горди на него. Секое постигнување што го оствари како играч беше едно скалило кон ова. Се разбира, би сакале тој да е со нас за да прославиме заедно“, изјави вдовицата на Коби Брајант, Ванеса.

Брајант освои пет титули со Лос Анџелес лејкерс и рекордни 18 пати беше селектиран во Ол-стар тим, додека со репрезентацијата на САД беше олимписки шампион во 2008 и 2012 година.

„Коби не беше само докажан победник и шампион, тој ѝ даде сѐ на кошарката. Неговите натпреварувачки дух и работна етика го доведоа до пет титули во НБА, а сега и до Халата на славните, каде што ќе биде овековечен покрај најголемите имиња во историјата на кошарката“, изјави сопственичката на Лејкерс, Џини Бас.

Други познати имиња кои сега влегоа во Халата на славните се Тим Данкан и Кевин Гарнет.