Вечерашната премиера (6 декември) во Штипскиот театар на претставата „Ковчег за двајца“ е претпоследна за оваа година. Штипјанецот, Никола Ристов е режисер на една од најпоставуваните претстави во светот чиј автор е современиот француски комедиограф, Жан Пјер Мартинез.
„Задоволен сум што реализираме претстава од автор чии претстави се прикажуваат во стотина земји во светот и досега биле откупени над 250 негови претстави. Тој е автор кој нормални работи ги става во невообичаени ситуации и средини, како што во оваа претставa тоа е Агенција за погребални услуги“, вели Ристов.
Миле Вратеовски кој ја игра улогата на сопственик на погребалното претпријатие вели дека најтеатрално е суштината во претстатвата што на денот на изборите тој се обидува да продаде ковчег на двајца кандидати.
Билетите за премиерата се распродадени, а репризата е на 9 декември.
Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, Пеце Ристевски додава дека театарот во Штип предвидува уште една премиера до крајот на годината, а тоа ќе биде новогодишната претстава за деца.
Т. ЈОВАНОВСКИ