Вечерва (5 декември) од 18 часот, КУД „Орце Николов“ во скопскиот трговски центар „Сити мол“ ќе одржи ревија на македонски народни носии од различни етнографски целини во рамките на културниот настан „Фолклорот низ генерации живее“.
Ансамблот на народни игри и песни слави 80-годишен јубилеј, а славеничкиот настан ќе трае три дена. Утре од 12 до 16 часот се организира фотографирање на посетители облечени во народни носии во „Фолклорно катче“. На 7 декември од 12 часот ќе има етно-креативни работилници за деца и возрасни и изработка на традиционални украси со етно мотиви со цртање, боење и плетење под менторство на искусни членови на ансамблот „Орце Николов“.
„Овој тридневен настан има за цел да ја оживее традицијата и да ја доближи до најмладите, но и да ги потсети повозрасните на богатството што го имаат оставено генерациите пред нас. Посетителите ќе имаат посебна можност да уживаат во ревија на традиционални носии, автентични фолклорни изведби, етно-креативни работилници и изложба на автентични македонски народни носии и фотографии од богатата ризница на ансамблот“, велат од „Орце Николов“.