Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски денеска (13 јули) се венчаа во Галичник, на традиционалната Галичка свадба.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им посака на младенците среќен заеднички живот, полн со љубов, разбирање и деца и им подари „галичка пафта“ со мотив од мијачката носија, карактеристична за селото Галичник.
„Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што е единствено, нешто што никаде го нема, нешто што нѐ прави посебни треба да се негува. Радосна сум што мнозина млади го прифаќаат и ја продолжуваат оваа традиција”, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.

Свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање“ пушка од куќата на зетот на 12 јули, и годинава го означија почетокот на свадбата. По венчавањето на младенците во храмот „Св. апостоли Петар и Павле“, продолжи одржувањето на свадбените обичаи.
Јован е потомок на галичкото семејство Филипоски и уште како дете одел низ Галичник облечен во носија. Вели дека отсекогаш сонувал дека еден ден ќе ја води свадбата и од мал активно учествувал во сите обичаи на манифестацијата,

Првата Галичка свадба се одржа во 1963. Оваа културна манифестација со децении се одржува под покровителство на претседателот на државата.
(Фото: Кабинет на претседателката на РСМ)