Третото дете на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон ќе се роди во болницата „Сент Мери“ во Лондон подоцна овој месец, во истото крило како и претходните две деца на кралската двојка, соопшти палатата Кенсингтон.

Медицинскиот тим ќе го предводат Алан Фартинг и Гај Торп-Бистон, кои беа ангажирани и кога Кејт се породуваше со ќеркичката Шарлот.

Бариери и ограничувања во паркирањето ќе бидат воведени околу приватното крило Линдо, како што се очекува доаѓањето на голем број медиуми во Лондон, кога бебето за првпат ќе биде покажано во јавност.

Принцот Џорџ се роди во крилото Линдо во 2013 година, а малата принцеза Шарлот две години подоцна. И нивниот татко Вилијам е роден во истата установа.

Датумот кога Кејт треба да се породи сѐ уште не е објавен. Исто така, во тајност се чува и полот на бебето, дури и Вилијам и Кејт не сакале да знаат предвреме. Детето ќе биде петто во редот за наследство на тронот.