МАНИЛА – ЖИВОТ НА ГРОБИШТА

Манила, (Гардијан)

„Живеам овдека 51 година и исто толку време сакам да заминам оттука. Владата сака да си одиме и ние сакаме да си одиме, но немаме каде“, вели Елвира Миранда.

Шеесет и осумгодишната Миранда живее со сопругот и децата во импровизирана куќарка направена над магацин од гробови на Северните гробишта во Манила од 1966 година. Како што вели, тоа е ситуација во којашто можете да се најдете ако сте сиромашни, немате работа и живеете во еден од најгусто населените градови на светот.

На гробиштата се живее бесплатно, но нема струја, чиста вода, санитарии и адекватно засолниште (Фото: Гардијан)

„Ги одржуваме гробиштата чисти, целата заедница се грижи за нив. Повеќето од луѓето овдека немаат никакви приходи, но се снаоѓаме, работиме сѐ и сешто“, додава Миранда.

Голем број луѓе од внатрешноста на Филипини доаѓаат во Манила во потрага по подобри можности, не успеваат во тоа, па мора да живеат во вакви заедници. Некои од нив се создадени во рамките на гробишта. Се спие и во мавзолеи. Бесплатно е, но нема струја, чиста вода, санитарии, па ни адекватно засолниште.

Ваквите населби постојат од 50-ите години на минатиот век и цели генерации семејства сега живеат на Северните гробишта, кои се најстари и најголеми во Манила. Со површина од 54 хектари, тие денес се дом на 800 фамилии, 6.000 луѓе и на еден милион мртви.

Рикардо Медина живее во близина на гробот на неговиот син (Фото: Гардијан)

Некои работат како одржувачи на гробови, за што роднините на починатите им плаќаат 600 пезоси годишно, односно девет фунти.

Некои, како Кармелита Бахакан и Рикардо Медина, живеат покрај гробовите на своите деца.

„Сакам телото на мојот син да е до мене. Тој е погребан во гробот на татко ми, еден ден и јас ќе им се придружам“, вели 57-годишната Бахакан.

Во 1996 година, жителите на Северните гробишта побарале од градоначалникот да добијат училиште, црква и просторија за перење, но тоа не се остварило. Денес, тие сами им држат часови на свои деца.

„Сакам да живеам овдека, мирно е и бесплатно. Нема духови, но кога копам гроб, секогаш им се извинувам на мртвите што ги вознемирувам“, вели Рикардо Медина.