Дела од велешкиот сликар Александар Јовановски-Мијак се изложени во Ликовниот салон во Велес. Двесет и пет портрети работени во масло на платно се претставени на изложбата насловена „Љубов“. Ја посвети на своите родители Иванка и Трајко.
„Кога ги гледаме насликаните портрети како да се наоѓаме пред некој анатомски атлас на човековата внатрешност. Во нив можат да се откријат отпечатени емоции, мисли и пораки споени во една целина. Неговите слики се суптилни лирски претопувања, сликани со топло префинето чувство, со излив на хармонија“, кажа Дора Андова-Фотева, историчарка на уметност и промоторка на изложбата.

Неговите портрети се мигови од постоењето на одредени личности. Тие се дел од приватна колекција и позајмени за изложбата „Љубов“.
Јовановски-Мијак дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2001 на отсекот графика со графички дизајн во класата на проф. Костадин Танчев-Динка, а во 2011 на истиот факултет магистрирал. Досега има поставено 24 самостојни изложби, од нив осум во Македонија, 15 во САД и една во Париз.
П. ПЕЧКОВ