МАСКИТЕ НА КАРНЕВАЛОТ ВО ВЕВЧАНИ НЕ СЕ САМО ЗА КРИТИКА, ТУКУ И ЗА ЗАБАВА, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЧОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 12 и 13 јануари ќе се одржи традиционалниот Вевчански карневал, традиција која е стара 1.400 години. Карневалската поворка е на 13 јануари од 13 часот, кога во центарот на Вевчани ќе се сретнат карневалците од двете маала.

„Во Вевчани тие денови секоја куќа е отворена и секаде ќе ве пречекаат со љубов. Ви советувам да облечете постара облека за да не се грижите дали ќе ве испрскаат со црвено вино. Ги поканувам сите граѓани кои се во можност да дојдат во Вевчани. Карневалот и маските не се само за критика, туку прво за забава“, рече градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.

„Тие денови, Вевчани се претвора во голема сцена, а традицијата се претвора во слобода. На карневалот никогаш нема исти маски, освен оние традиционалните, на зетот и невестата и на глупиот Август. Маските се поврзани со сето она што ни се случувало изминатата година, но карневалот не е само критика на општеството, основната цел е забава“. рече новинарот Антонио Димитриевски, кој ја водеше прес-конференцијата во Скопје.

Традиционалните вевчански пари и знаме (Фото: К. Попов)

На 12 јануари од 20 часот, Општина Вевчани најавува концерти на популарна музика. Настапуваат рап дуото „Пука козметика“, кое на крајот на 2025 прослави 30 години работа, Влатко Лозаноски-Лозано и „Брас брадрс“. Следниот ден ќе има концерти на фолк пејачи. Од 20 часот настапува Благоја Грујовски, а потоа Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски и Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“. Музичката програма на карневалот завршува со настапот на Перо Бели и групата „Вип“ на полноќ, кои традиционално ќе ги испратат карневалците на изворите.

„‘Пука козметика’ 14 години со љубов доаѓа на Вевчанскиот карневал. Вевчанската публика е публика која сака комуникација, па затоа репертоарот како и кога првпат настапивме го прилагодуваме заедно со неа“, рече Дарко Масларковски од „Пука Козметика“, кој неколку години по ред е дел од организацијата.

Вевчанскиот карневал е еден од најстарите карневали на Балканот, а се одржува на празникот Свети Василиј Велики.

М. ЏАРОВСКА 

Новинарот Антонио Димитриевски, градоначалникот на Вевчани Спасе Кочовски и Дарко Масларковски од „Пука козметика“ (Фото: К. Попов)