МЕЃУНАРОДНИОТ ФЕСТИВАЛ „СТРИП ТРИП“ ПО ТРЕТПАТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од денеска (6 јуни) до 8 јуни, во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи третото издание на меѓународниот фестивал „Стрип Трип“, посветен на стрип културата.

Главен гостин на фестивалот е стрип-авторот Рајнхард Клајст од Германија, кој е познат по графичките биографии за Дејвид Боуви, Ник Кејв и Џони Кеш и графичките романи „Боксерот“ и „Олимписки сон – Приказната за Самија Јусуф Омар“. Клајст ќе има изложба, панел-дискусија, цртачка сесија и уникатен цртачки перформанс во музичка придружба на Мартин Џорлев, Виктор Стојановски и Марко Печеновиќ. Странски гости на фестивалот се и Марко Дјешка од Хрватска, Марко Стојановиќ од Србија и Гани Сундури од Косово.

Македонски претставници се Александар Сотировски, Смиле Цветановски, Давор Драмиќанин, Наташа Андонова, Филип Алексовски, Матеј Богдановски, Симон Калајџиев и Стефан Николовски.

На писателот и теоретичар Томислав Османли ќе му биде доделена наградата „Македонско стрип наследство“ за неговиот придонес кон македонското стрип творештво. Во текот на фестивалот ќе бидат објавени победниците на конкурсот за најдобар краток стрип.

Програмата на „Стрип Трип“ вклучува три изложби, презентации на некои од најновите домашни и регионални стрип изданија, работилница за цртање стрипови со Здравко Гиров, цртачка сесија со сите гости и подкаст во живо со Дебели Гикови.

Ќе бидат прикажани долгометражниот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на Гоце Цветановски и кратки анимирани филмови на Марко Дјешка.

Покрај редовната програма, на 7 и 8 јуни од 12 часот ќе има стрип берза на платото пред МКЦ.