Уметникот Михаил Корубин вчера (22 октомври) на Факултетот за ликовни уметности ја отвори изложбата „Артокен Генеза“ и ја промовираше новата книга „Артокенс“. На изложбата беше претставен дел од неговата нова серија слики (акрил и масло на платно). Беа изложени и 50 нови, досега необјавени Супериорни Артокени, како и целосно новата серија „Раѓање на Артокените“ (акрил на плексиглас).

Корубин ја промовираше и првата Артокен книга, која ги содржи сите досега создадени Супериорни Артокени, скиците од процесот на нивно создавање и примарните Артокени за пишување.
„Сѐ почна од едно изгрејсонце“, рече Корубин за инспирацијата за изложбата, која во септември се одржа во Битола во галеријата „Магаза“.

„Книгата е двојазична, на англиски и македонски и ги содржи генезата на овие симболи, сите супериорни и примарни Артокени, начинот на нивно пишување, како и нивните правила и синтакса. За првпат, во неа ќе ги најдете примарните Артокени за создавање реченици, вклучувајќи заменки, придавки, сврзници, глаголи, членови, како и броевите од 0 до 9“, вели Корубин.

На настанот дојдоа многу негови пријатели и соработници, како и семејството: татко му, сликарот Рубенс Корубин, мајката, модната дизајнерка Лиле Корубин и сопругата, поп-ѕвездата Каролина Гочева.
М. ЏАРОВСКА