МОИТЕ ДЕЛА СЕ ПРОВОКАЦИЈА, ВЕЛИ УМЕТНИКОТ МАУРИЦИО КАТЕЛАН, КОЈ УСПЕА ДА ПРОДАДЕ БАНАНА ЗА 6,2 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Рим, (Ројтерс)

Италијанскиот уметник Маурицио Кателан вели дека неговите дела се провокација и покана да се цени вистинската вредност на уметноста откако неговата банана залепена на ѕид се продаде за 6,2 милиони долари. Неговото контроверзно дело „Комичар“, кое првпат се појави во 2019, беше купено од кинескиот бизнисмен со криптовалути Џастин Сун на аукција во Њујорк.

Делото „Комичар“ првпат се појави во 2019 (Фото: Фејсбук)

„Тоа е провокација што нè повикува да размислиме за вредноста на уметноста и за динамиката на овој пазар. Нè турка да се запрашаме што зборува ова дело за нас како гледачи“, изјави Кателан.

Делото, кое содржи банана купена за 35 центи, имаше почетна цена од 800.000 долари, а наддавањето заврши со 5,2 милиони долари, плус премијата од милион долари за аукциската куќа.

„Ова е пазар кој одлучил една банана на ѕид да ја сфати толку сериозно. Ако системот е толку изнемоштен да се лизне на кора од банана, можеби веќе бил лизгав“, вели Кателан.

Папата Јован Павле Втори погоден од метеорит е едно од најпознатите дела на Кателан

Шеесет и четиригодишниот уметник е познат по своите хиперреалистични инсталации и скулптури, како златна веце школка, лажен коњ кој виси од таванот, папата Јован Павле Втори погоден од метеорит и мермерна рака со подигнат среден прст пред Миланската берза.

„‘Комичар‘ е исмевање на веќе уморен систем, покана повторно да се открие моќта на иронијата и едноставноста“, појасни тој.

(Фото: АП)