МОНОГРАФИЈАТА ЗА МНТ Е ДОКУМЕНТАРНА И ИНТИМНА ВО ИСТО ВРЕМЕ, РЕЧЕ ТЕАТРОЛОГОТ ЈАРЧЕВСКА НА ПРОМОЦИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Македонскиот народен театар (МНТ) денеска (18 декември) беше промовирана монографијата „Македонски народен театар 1945-2025 – Приказни поголеми од времето“, во чест на 80 години постоење.

Главна уредничка на монографијата е театрологот и кустос Ивана Јарчевска, а автори на текстовите се Ана Стојаноска, Снежана Коневски-Руси, Загорка Поп-Антоска-Андовска, Бранко Ставрев, Емил Рубен, Игор Џамбазов, Лилјана Мазова, Братислав Димитров, Ѓорѓи Јолевски, Сашко Насев, Никола Ристановски, Дејан Дуковски, Звездана Ангеловска, Весна Петрушевска, Срѓан Јаниќијевиќ, Тања Кочовска, Синиша Евтимов, Искра Ветерова, Бојан Трифуновски, Сашко Коцев, Николина Кујача, Нела Витошевиќ, Сашка Димитровска, Нина Николиќ, Дарја Ризова, Драгана Костадиновска и Борче Начев.

Јарчевска рече дека изданието опфаќа документирачки материјали, историја и лични приказни, спакувани во модерен и елегантен дизајн на Зоран Кардула. Според неа, монографијата е истовремено документарна и интимна, како спој на минатото и сегашноста, традицијата и модерноста.

„Монографијата не нуди класични театролошки податоци во форма на бројки, списоци или статистики, туку развој и патување низ МНТ, низ широк дијапазон на емоции и сеќавања“, рече Јарчевска.

МНТ ќе го прослави јубилејот на 29 декември со премиерата на „Сонцето, колку е блиску сонцето – Мејд ин МНТ“, во режија на Дејан Пројковски.

Фото: Јарчевска, министерот за култура Зоран Љутков, директорот на МНТ Никола Кимовски и актерот и првенец на МНТ, Ѓорѓи Јолевски

Фото: К. Попов