„103 ГЕНЕРАЦИИ“ – ФЕСТИВАЛ НА РАДИОТО „КАНАЛ 103“ ВЕЧЕРВА ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Артисти од Велика Британија, Шведска, Албанија и Македонија ќе бидат дел од вечерашниот фестивал, што во Младински културен центар во Скопје го организира радиото „Канал 103“.

Две и пол години по концертот на „Сајкик ТВ“, со кој беше одбележана 25-годишнината од радиото, „Канал 103“ најавува ново уникатно музичко искуство, насловено „103 генерации“, поделено на два подиуми.

Со почеток во 20 часот, во Денсинг салата ќе настапат Филд, опишан како шведски маг на софистицираниот електронски звук, британската психоделична група „Осцилејшн“, тандемот од Тирана „I Tpame I Tvrame“, како и македонскиот инди/пост рок бенд „Сусијат“. Она што е карактеристично за сите нив е што во МКЦ ќе ги промовираат своите нови албумски изданија, објавени оваа година.

Во фоајето на кино Фросина, во исто време ќе има стејџ, резервиран за диџеите на радиото, Виолета Качакова, Илина Ангеловска, Ивана Драгшиќ, Мирко Попов и Андреа Салпе.