23 ГОДИНИ СВИРАМ И КОМПОНИРАМ НИЗ СВЕТОТ, НО МИ ФАЛИ МИРИСОТ НА БИТОЛА, ВЕЛИ КЛАРИНЕТИСТОТ ГОРАН БОЈЧЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Битолскиот кларинетист Горан Бојчевски, кој 23 години живее и работи во Љубљана, магистрираше на признатиот Универзитет Моцартеум во Салцбург во Австрија со највисока оцена во класата на професорот Алоис Брандхофер, кој е прв кларинет на Берлинската филхармонија.

Бојчевски вели дека му недостасуваат Македонија и неговата родна Битила, но не жали што како многу млад решил да замине од дома и да си го исполни сонот. Во Словенија живее од 2001.

„На 18-годишна возраст студирањето го продолжив на Музичката академија во Љубљана. Од самото доаѓање потполно сум предаден на музиката“, вели Бојчевски.

Сега тој настапува насекаде низ светот, пишува музика за различни проекти и оркестрира филмска и балетска музика.

„Како и секој млад човек, секогаш ме следеше желбата да го видам и на некој начин да го освојам светот, но не надворешниот, туку светот што го носам во себе. Да дојдам некаде каде што не ме познава никој и сам да чекорам по патот до успехот. Најубаво е чувството кога самиот себеси се победуваш. Откако заминав од дома освоив голем број државни и меѓународни награди со мојот инструмент во класичната музика“, вели Бојчевски.

Фото: К.Шмигоц

„Магистерските студии ги продолжив на престижниот Универзитет Моцартеум во Салцбург, каде што се избира само еден студент за магистерските студии во годината. Покрај големата конкуренција, многу искрено и со стекнатите искуства и знаења ја воодушевив комисијата и се најдов одеднаш на тој универзитет“, ни рече кларинетистот.

Вели дека е најмногу горд на тоа што токму на тој универзитет, каде што студираат генијалци, посебно во класата за композиција, добил покана да напише оркестарска композиција за универзитетскиот оркестар. Композицијата подоцна оркестарот ја свирел во главната сала на Моцартеум. Бојчески вели дека е горд што неговото име се нашло во програмата на тој концерт меѓу шесте најдобри австриски композитори.

Минатата година, Бојчевски беше гостин на концертот на српската рок група „Рибља чорба“ во Охрид, а фронтменот Бора Ѓорѓевиќ го најави како еден од најталентираните музичари што ги запознал.

„Бора го запознав преку мојот многу добар пријател Душан Конда. Се сретнавме на неговиот концерт во Цеље. И така почна нашата соработка. Бора ме покани да бидам гостин на многу негови концерти и ми рече дека е воодушевен од новата боја на неговите легендарни песни. Бора е прекрасен човек, од кого се здобив со многу нови музички искуства. Настапував со него и во Љубљана, во Чачак пред 12.000 луѓе и кога се враќавме од Чачак, му предложив да направат концерт на најубавото место на Балканот, Антички театар во Охрид. Така и беше. Преубави спомени“, вели музичарот.

Паралелно со настапите, Бојчевски пишува и авторска музика, за филм и балет.

„Драго ми е што успешно поминаа двата балети кои ги напишав: ‘Хе, хе хелиум’, кој беше изведуван и во Јужна Кореа и ‘Дервишот и смртта’, во продукција на ХНК Сплит. Имаше преку 30 репризи, а последната беше во распродадената сала ‘Лисински’ во Загреб“, вели Бојчевски. Додава дека колку е постар, толку има поголема желба да се врати во Македонија.

„Сум размислувал да се вратам. И сѐ уште имам голема желба. Би сакал своите искуства и знаења да му ги пренесам на нашиот народ. Најмногу ми недостасува мирисот на моето детство во мојот роден крај Битола“, вели кларинетистот.

М. ЏАРОВСКА