Ламбе Алабаковски, Сузана Спасовска, Александар Тарабунов и Миле Кузмановски ќе бидат гости на концертот на Бојана Скендеровски, кој ќе се одржи на 13 декември во Филхармонијата од 20 часот.
Пред нејзиниот прв солистички концерт насловен „Бесмртна“, поп-пејачката ја промовираше новата песна „Нема, нема“. Бојана вели дека последниве недели живее во ритамот на подготовките за големата вечер: сала, студио и проби.
„Во таа креативна возбуда се роди и новата песна, модерна, поразлична и создадена како музички подарок за публиката пред концертот. Сакав на публиката да ѝ понудам нешто ново, едно мало освежување пред мојот концерт и во празничниот период кој следува“, вели Бојана Скендеровски.
Автор на музиката и на аранжманот е Никола Мицевски, текстот е на Борче Нечовски, а снимена е и миксана во студиото „ХЛ Момироски“.
Билетите за концертот се продаваат преку мрежата на Купи карта.