ЧЕТИРИ ВЕЧЕРИ И ДЕВЕТ КОНЦЕРТИ НА ШЕСТИОТ КОТОН БЛУЗ ФЕСТИВАЛ ВО СКОПЈЕ, ЌЕ ИМА ГОСТИ ОД САД И БРИТАНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од четири вечери и девет концерти, искомбинирани со промоции на албуми, ќе се состои шестото издание на Котон блуз фестивал во Скопје, што ќе се одржува од 21 до 27 ноември. Локацијата повторно е нова, па блузот овојпат ќе се свири и слави во барот „Русти“.

Во првиот сегмент на 21 и 22 ноември ќе настапат квартетот на ИгиМен со Ади Имери како специјален гостин, повратникот на Котон блуз фестивал Тони Холидеј од САД, домашниот блуз бенд „Мол пек“, кој истовремено ќе промовира албум и проектот „Рене пее блуз“.

Втората половина од фестивалот е на 26 и 27 ноември, кога програмата е побогата. Тогаш се концертни промоции на албуми на Александар Пешевски и на „Кросроуд блуз бенд“ и веќе традиционалната гитарска работилница со Јанис Павеза, а Елвис и „Ин д муд“ ќе се здружат во проект посветен на Џони Кеш.

Главните ѕвезди на годинашниот фестивал се оставени за последната вечер, а како такви се најавени легендарниот британски блуз музичар Норман Бикер и американскиот гитарист Хамилтон Лумис (фото).

Цените на картите дополнително ќе бидат објавени.

(Фото: Фејсбук)