„Мојата драга“ е новата песна на Дарио, за која вели дека е весела, но може да се пее и на сериозен концерт, а наменски ја промовира пред летото.
„Ова е една типична летна, ведра, весела и духовита песна која може да се пее и на сериозен концерт, но и опуштено, со цело друштво на плажа во присуство на ‘своите драги’. Оваа песна нема некоја специјална приказна, но има порака да уживате во секој момент со онаа или оној што ги сакате и да бидете среќни со нив сега, денес, овој момент и така секој ден. Ставете ја саканата на врвот на пиедесталот“, ни рече Дарио, кој е автор на музиката и на текстот, а аранжманот е на Кристијан Габровски.
„Денес е сѐ потешко човек да биде вистински среќен. Затоа треба да се пронајде каква било наизглед небитна, ситна, мала работа која ве прави среќни и да ја негувате и да уживате во многу такви ситници. Во овој случај, тоа е љубовта“, вели кантавторот.
Додава дека, генерално, многу потешко е во денешно време да се напише весела и среќна песна отколку тажна и сериозна.
„Нешто слично како во филмот, многу потешко е да си комичар отколку трагичар, треба да ископаш сила во себе за да бидеш расположен и забавен дури и кога тоа не ти е ни на крај памет. Така и јас со песните и текстовите одвреме-навреме се трудам да исцрпам сѐ длабоко од себе, само за да успеам да ги одржам позитивата, оптимизмот и убавината на ‘малите’ големи работи кои треба да нѐ прават најсреќни на свет, како што вели и самата песна“; ни рече Дарио.
М. ЏАРОВСКА