ЏИПСИ ПАНК АТРАКЦИЈАТА „ГОГОЛ БОРДЕЛО“ ВЕЧЕРВА ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пионерите на џипси панкот „Гогол бордело“, познати по своите енергични театарски сценски изведби, вечерва настапуваат во Младински културен центар (20.30 часот), како продолжение на концертната програма на 20. издание на фестивалот „Таксират“.

„Гогол бордело“ е американски колектив кој го популаризираше жанрот џипси панк, комбинирајќи панк рок, даб и ромска музика.

Предводена од Украинецот Јуџин Хуц, групата е формирана во Њујорк во 1999 година и досега има издадено седум студиски албуми. Тие важат за голема концертна атракција и зад себе имаат настапи на некои од најголемите фестивали на светот, како „Роскилде“, „Гластонбери“, „Коачела“ и „Лолапалуза“.

Покрај тоа, бендот се појавуваше и во филмови и серии, за него е снимен документарец и учествуваше во кампањата на „Кока кола“ за Европското фудбалско првенство во 2012 година.

Бендот моментално е на светска турнеја, на којашто го промовира својот последен албум, што излезе во август минатата година. Неговата осумчлена постава е собрана од сите страни на светот, па така во групата има и музичари од САД, Етиопија и Еквадор.