ДИНА ЈАШАРИ НА КОНЦЕРТНА ТУРНЕЈА ВО ХРВАТСКА ЌЕ ГО ПРОМОВИРА НОВИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Една од највпечатливите нови авторки на регионалната сцена Дина Јашари кон крајот на март ќе одржи минитурнеја во Хрватска, каде што ќе го претстави својот деби албум „Растенија без корен“. Концертите ќе се одржат денеска (26 март) во Чаковец, утре (27 март) во Риека и на 28 март во Загреб.

Во изборот на регионалниот музички портал „Рокомотива“, „Растенија без корен“ се најде во топ-5 албуми за 2025 година. Албумот е составен од девет песни создадени во последните три години, а Дина Јашари вели дека е нејзин интимен и искрен музички дневник. Албумот жанровски се движи помеѓу поп, нео-соул и џез.

Таа е добитничка на музичката награда „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“, а зад себе има настапи на значајни европски фестивали, како „Мент“ во Љубљана, „Егзит“ во Нови Сад и „Евросоник“ во Гронинген. Лани го отвори концертот на култната британска група „Масив атак“ во Скопје.

Јашари во Хрватска ќе настапи со својот бенд.