ДВАЕСЕТ ГОДИНИ ЈА СПОЈУВАМЕ КУБА СО МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ПЕТАР РЕНЏОВ НА ВЕСЕЛИОТ КОНЦЕРТ НА „ТУМБАО САЛСА БЕНД“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Со весел концерт во Националната опера и балет на кој на крајот целата публика танцуваше, „Тумбао салса бенд“ прослави 20 години од постоењето. Петар Ренџов, еден од најпозитивните музичари на нашата сцена 20 години го спојува кубанскиот ритам со македонска мелодија и тоа звучи уникатно.

Фото: К.Попов

„Дваесет години се обидуваме да ја споиме Куба со Македонија. Тоа што сте сите овде ни вели дека не било залудно“, рече Ренџов кој прв се појави на сцената, пред сите музичари, и ги постави македонското и кубанското знаме зад него. „Македонско девојче“ во латиноамерикански ритам ја испеа Јасмин Лопез, Кубанката која живее во Македонија. На македонски и на шпански, таа ги поздрави гостите од Јужна Америка кои дојдоа на концертот, а на крајот ѝ се придружија на сцената и заиграа со неа.

Кубанката која живее во Македонија, Јасмин Лопез (Фото: К.Попов)

Убавиот вокал на шармантната Лопез еднакво доаѓа до израз и во латино хитовите и во македонските „Среќата со пари не се купува“ и „Дали ќе дојде на рандеву“. Во „Фато мори душманке“, еден од најголемите хитови од преработките на „Тумбао“ гостуваше Билјана Ѓошева, која беше редовен член на бендот.

Мики Јовановски-Џафер (Фото: К.Попов)

Гостин беше и Мики Јовановски-Џафер кој го испеа неговиот хит „Одам на југ“ во латино верзија, како и Ивана Стојановска и Ристо Самарџиев. Тој ја испеа песната „Галичица“ која ја сними заедно со Петар Ренџов. Стиховите ги напиша неговиот татко, познатиот писател Михаил Ренџов кој почина пред една година.

Ристо Самарџиев (Фото: К.Попов)

„Нашето другарство трае половина век, се надевам ќе трае уште толку“, рече Самарџиев. Вреди да се пофалат сите пејачки на овој несекојдневен концерт, целиот бенд и дувачката секција. Заразниот ритам натера и дел од публиката се качи на сцената и да заигра со бендот.

„Тумбао салса бенд“ имаше поголем концерт пред 10 години, и тоа беше последниот концерт во Универзалната сала пред да се затвори во 2015.  „Нема да чекаме уште 10 години за нов концерт“, кажа Петар Ренџов по бисот.

М. ЏАРОВСКА