ЕГЗИТ НЕ СЕ СЕЛИ ВО СКОПЈЕ, НО И НЕМА МОЖНОСТИ ЗА НЕГОВО ОДРЖУВАЊЕ ВО СРБИЈА, КАЖАА ОРГАНИЗАТОРИТЕ

Белград, (Н1)

Фестивалот Егзит објави дека нема да се пресели во Скопје или Египет, но и дека во овој момент нема можности за негово одржување во Србија зашто му е ускратено државното финансирање.

„Во овој момент не постои можност за одржување на Егзит во Србија следната година, зашто поради нашата поддршка на студентските протести ускратено ни е целокупното државно кофинансирање на локално, покраинско и републичко ниво. Од истите причини, Егзит остана и без поддршката од главниот спонзор ‘МТС‘, и тоа по 22 години успешна соработка“, соопшти фестивалот.

Организаторите додаваат дека фестивал од вакви размери не може да се организира во домашните економски рамки без поддршка од државата.

„Откако објавивме дека поради државна репресија сме принудени да ја напуштиме Србија, добивме повици од сите делови на светот таму да го организираме фестивалот. Моментално разгледуваме кои дестинации ќе бидат дел од глобалната турнеја на Егзит следната година“, изјави основачот и директор на Егзит, Душан Ковачевиќ, додавајќи дека фестивалот не се сели во Скопје.

Во јуни беше објавено дека годинашното издание на Егзит ќе биде последно што се одржува во Србија. Организаторите тогаш потсетија дека фестивалот настанал пред 25 години како студентско движење за мир и слобода во Србија и на Балканот и не сакаат тој веќе да се одржува во Србија во која се задушува слободата на говорот.

(Фото: Фејсбук)