Шеснаесет музичари кои свиреле во групата „Меморија“ до 1983 до денес, настапија на концертот кој вчера (25 декември) се одржа во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Бендот симболично го избра ова место за интимен концерт, зашто првиот нивен поголем настап се одржал во некогашниот Дом на млади-25 мај.
Концертот претходно беше најавен како временска музичка машина и почна со првата песна на бендот „Моја ли си“ од 1983 година со основачите на бендот, Петар Георгиевски-Камиказа и клавијатуристот Дејан Миноски. Песната ја отпеа германката Корнелија, сопруга на Миновски кој живее во Германија, во техно-поп верзија.
По 35-годишна пауза, на тапани повторно свиреше новинарот Антонио Димитриевски кој претходно рече дека само „Меморија“ може да го врати во музиката. Бендот се сети и на првиот пејач на „Меморија“, починатиот Зоран Илиќ-Зоци, кој прв ја испеа песната „Нена“, која публиката во еден глас ја пееше со групата.

На сцената се качија и поранешните членови од третата постава, Нино Бошњаковски, Ицо Јовковски и вториот пејач на бендот и гитарист, Александар Стефановски-Јаблан.
И „Одам засекогаш“, публиката од почеток до крај ја пееше заедно со бендот, по што Антонио Димитриевски се заблагодари и ги фрли палките во публиката. Димитар Мите Димовски на сцената се појави со гитаристот Игор Атанасовски-Харе, со хитови од раниот период на „Меморија“.
Потоа настапи постариот брат на Мите Димовски, гитаристот Петар Пеце Димовски и пејачот Драган Драгче Василевски кои за првпат заедно концертно ја свиреа песната „Утра“.

Во втората половина од концертот свиреа: Петар Георгиевски-Камиказа, Мите Димовски, Давор Јордановски, Рубин Димковски, и пејачите Апостол Поце Икономов и Ристо Самарџиев. Дел од концертот беа и Димитар Мичо Божиков и Александар Хаџипаунов. Очекувано, публиката најсилно ги пееше хит-баладите „Оган под ѕвездите“, „Зошто Боже“ и „За тебе“, а највесело беше на „Дирлада“.
Приказната на групата „Меморија“ од 1983 до денес е прикажана на изложбата „Времеплов, од црно-бело во боја“, во Младинскиот културен центар (МКЦ).