На 29 јануари од 20 часот, Филхармонијата ќе го одржи концертот „Небо без војни“, на кој премиерно ќе го изведе вокално-инструменталното дело „Вооружениот човек (Миса за мир)“ од британскиот композитор Карл Џенкинс. Диригент е Сашо Татарчевски, настапува и хорот „Про Арс“, а солисти се Mартина Георгиевска, Ана Ценевска-Мучева, Емили Христоска, Исабела Димовска, Дејан Симоски, Мартин Блажевски и Месут Куртис.
„Напишано по повод милениумот и преселбата на Кралската оружарница од Лондон во Лидс, делото е посветено на жртвите на косовскиот конфликт и симболично го третира највоениот и најразорен век во човечката историја. Мисата е нарачана од Музејот на Кралската оружарница и претставува антивоена рефлексија која ја користи класичната католичка миса како рамка, но ја надополнува со текстови и мотиви од различни култури, религии и историски извори“, велат од Филхармонијата.
Либретото вклучува традиционални латински текстови, муслимански повик на молитва, библиски текстови, Махабхарата и стихови од Радјард Киплинг, Алфред Лорд Тенисон и Санкичи Тоге.
(Фото: Фејсбук)