Факултетот за музичка уметност (ФМУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје започнува со програми за доживотно учење музика за кандидати над 20 години. Уписите траат до 25 февруари.
„Наставата се реализира со врвен универзитетски кадар и нуди висок квалитет во различни области: свирење инструменти, соло пеење, популарни жанрови, диригирање и композиција. Секој учесник добива индивидуален пристап и работи во одлични услови, кои овозможуваат целосно развивање на талентот и личен напредок“, вели Соња Здравкова-Џепароска, продеканка за настава и наука на ФМУ.
Таа додава дека инцијативата е покрената во рамките на светските трендови на едукација.
„Сѐ повидлив е трендот на проширување на стандардите со програми за доживотно учење. Ова не се класични студии, туку можност за професионална обука во одреден дел за кој кандидатот пројавува интерес. Некој сака да учи пијано или да се обучи во пеење. Оваа програма го овозможува тоа и притоа нуди работа со врвен стручен кадар“, додава Џепароска.
Еден циклус трае еден семестар со точно одреден фонд на часови. Обуката опфаќа нивоа на знаење и сите запишани можат да се надоградуваат и усовршуваат на следното ниво со програма прилагодена кон нивните потреби и капацитети. Наставата е индивидуална и од ФМУ велат дека особено се внимава на развојот на секој кандидат поединечно. На крајот од секој едукативен циклус се доделува сертификат за завршено ниво издадено од Факултетот за музичка уметност.
„Во однос на изборот, нудиме изучување на сите инструменти, соло пеење, диригирање и основи на компонирање, како и вокална техника и соло пеење во делот на популарните жанрови. На самиот почеток се прави квалификациона проверка на способностите. Тоа подразбира поседување на одредени квалитети и способности, запознавање со професорите кои ја водат наставата и изготвување индивидуален план за работа“, додава Џепароска.

Таа вели дека со гордост може да се најави оти почнува одбележувањето на 60-годишнината на ФМУ, што ќе опфати настани во текот на целата година.
„Во мошне амбициозниот план ќе бидат интегрирани неколку мегаконцерти во соработка со Филхармонијата и Националната опера и балет. Во подготовка се и самостојни свечени концерти на секоја од катедрите. Во оваа агенда влегува и четвртото издание на ‘Креденс денс“, фестивалот за класичен балет и современ танц со гости од Кина, САД, Полска, Србија. Централниот и завршен настан ќе се случи на патрониот празник на Факултетот за музичка уметност. Стандардните воннаставни активности, како серијалот ‘Музика вива’, концертот на класите по соло пеење ‘Коста Трпков’ и концертите на Катедрата за популарна музика, продолжуваат со засилен интензитет. Се подготвува и монографија за 60 години ФМУ. Прославата е под покровителство на претседателката Гордана Силјановска-Давкова“, ни рече Здравкова-Џепароска.
М. ЏАРОВСКА