Франција победи на 23. Детска Евровизизија што се одржа во Тбилиси, Грузија. Победничката песна „Ce Monde“ (Овој свет) ја испеа 11-годишната Лу Делез, со што Франција ја освои четвртата победа по 2020, 2022 и 2023.
Македонската претставничка Нела Манческа го освои седмото место со 141 поен. Од гласањето од жирито, таа доби поени од сите земји кои гласаа, а највисоки 12 поени доби од Италија и од Црна Гора. Македонија ги даде 12-те поени на победничката, Франција.
Осумнаесет земји учествуваа на натпреварот за талентирани млади пејачи на возраст од 9 до 14 години. Французинката Лу ги воодушеви гледачите низ целиот свет. Софија Нерсесијан од Украина доби 177 поени и заврши на второто место. Анита Абгаријани од Грузија, пеејќи се најде на третото место со 176 поени.
Кантавторка и текстописец, Лу пораснала во семејство каде што музиката била насекаде, развивајќи интерес за пеење уште од рана возраст. Освен што е пејачка, таа е и актерка. Од 7 години, глумела во неколку кратки играни филмови, како и во некои популарни телевизиски серии. За разлика од Евровизија, победниците на Детската Евровизија не мора автоматски да бидат домаќини на настанот следната година.
Украина беше победник во онлајн гласањето со над 9% од добиените гласови. Гласаа 2.5 милиони од 188 земји, што е за 200 илјади повеќе од минатата година.

Нела Манческа (14) настапи со песната „Чудо“ (Miracle) од авторите Лазар Цветкоски и Магдалена Ена-Цветкоска.
„Ми се допаѓа целиот проект и сè што создадовме заедно. Изминатава недела имавме многу проби, но секоја вредеше. Запознав многу нови пријатели и искрено уживам во дружењето со останатите учесници. Многу сум благодарна за огромната поддршка што ја добивам од целата делегација, ми значи повеќе од сè“, ни рече македонската претставничка пред настапот.
Фото: ЕБУ