ГАЛОСКИ СНИМИ СЕТ ЗА ИЗДАВАЧКАТА КУЌА НА ТИЕСТО НА НЕГОВА ПОКАНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот диџеј и продуцент Александар Галоски на покана на познатиот холандски диџеј и продуцент Тиесто сними сет за неговата издавачка куќа „Мјузикал фридом“. Сетот беше емитуван на aмериканската радиодифузна мрежа „СириусХМ“, а сега е достапен и на Јутјуб.

„Многу сум им благодарен на тимот на Тиесто и на неговата издавачка куќа за поканата и поддршката“, вели Галоски.

Тој е активен на меѓународната сцена повеќе од десет години со настапи во Јапонија, Шпанија, Австрија, Швајцарија, Сингапур, Србија, Кина, Чешка, Тајланд, Хрватска, Норвешка, Холандија, Германија и други земји. Летоска настапи во Токио и Бангкок како дел од турнеја со која беше најавено неговото ново издание, поддржано од Дејвид Гета. Негова музика се пушташе и на фестивалот Тумороуленд, кој секое лето се одржува во Белгија.