Годинашното јубилејно издание на Егзит ќе биде последно што се одржува во ваква Србија, објавија организаторите на фестивалот во Нови Сад.
Тие потсетуваат дека фестивалот настанал пред 25 години како студентско движење за мир и слобода во Србија и на Балканот и не сакаат тој веќе да се одржува во Србија во која се задушува слободата на говорот.
„Преку музика, активизам и креативност поврзувавме генерации, поправавме прекинати врски и градевме мостови таму каде што другите ги уриваа. И покрај тоа, откако минатата година јавно ги поддржавме студентите и нивната борба за слободно и праведно општество во Србија, изложени сме на огромни финансиски и други притисоци, со цел да ни се укине правото на слободно мислење и говор. Сметаме дека тоа право нема цена и затоа годинашното јубилејно издание на фестивалот ќе биде последно што ќе се случи во ваква Србија. Ако ова навистина е последниот Егзит на тврдината, нека биде незаборавен“, објавија организаторите на Инстаграм.
Еден од најголемите музички фестивали во Европа ќе се одржува од 10 до 13 јули, а меѓу учесниците се најавени „Секс пистолс“, „Продиџи“, Боб Гелдоф и „Бумтаун ретс“, Лорин и бројни ѕвезди на електронската сцена.
(Фото: Фесјбук)