„ГОСПОДАРОТ НА ТАНЦОТ“ ЌЕ СЛАВИ 30-ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ СО ШОУ ВО СКОПЈЕ НА 7 АПРИЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Господарот на танцот“, глобалната танцова сензација од Ирска, се враќа во Скопје на 7 април 2026 со ново  шоу за прослава на својата 30-годишнина. Настанот ќе се одржи во салата „Борис Трајковски“, во организација на „Пасворд проукција“.

„Скопје ќе биде домаќин на овој значаен настан, грандиозна прослава на културниот феномен, кој плени над 60 милиони обожаватели и поставува нови стандарди во креативноста и сценската продукција. За 30-годишнината од создавањето на оригиналниот перформанс на наградуваниот визионер, креатор и режисер Мајкл Флетли претставата ќе се игра со нови костими и кореографија“, велат од „Пасворд“.

Композитор на музиката е Џерард Фахи. Јубилејните изведби стартуваат во родниот град Даблин на 5 февруари и продолжуваат во арени низ Европа.
„Господарот на танцот“ е аудиовизуелна и музичко-театарска претстава, создадена врз основа на ирскиот фолклор. По светската премиера во 1996 стана најпродаваната претстава во историјата на шоу-бизнисот во светот.