И ХАРМОНИКАТА МОЖЕ ДА СЕ СКРШИ КАКО СРЦЕТО, РЕЧЕ АНГЛИСКИОТ ДИРИГЕНТ ТИМОТИ РЕДМОНД НА ЉУБОВНИОТ КОНЦЕРТ ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Романтичен концерт со убави француски љубовни песни одржа оркестарот на Филхармонијата вчера (12 февруари) со двајца гости од Франција, мецосопранот Ексел Сан Сирел и Фелисиен Брут на хармоника (фото). Диригираше Тимоти Редмонд од Велика Британија, а концертот беше насловен „Бакнеж во Париз“ и се одржа по повод Денот на вљубените. Сцената и холот на Филхармонијата, каде што се служеше вино по концертот, беа осветлени во тој дух.
Публиката уживаше во делови од познатата опера „Кармен“ на Жорж Бизе, теми од филмовите „Чоколадо“, „Аферата на Томас Краун“, „Чудесната судбина на Амели Пулен“ и „Чадорите од Шербур“, шансоната „Под небото на Париз“ и други љубовни песни.
Диригентот Тимоти Редмонд (Фото: СМАРТ СДК.МК)
„И хармониката може да се скрши како и срцето“, рече на шега шармантниот англиски диригент, откако на францускиот музичар Брут му се расипа хармониката кога требаше да настапи во дует со одличната Сан Сирел.
Диригентот го смени редоследот на репертоарот, додека Брут не се врати на сцената.
„Првпат сум во Скопје, во Македонија и малку зборувам англиски. Париз е во моето срце, а отсега во моето срце е и Скопје“, рече гостинот од Франција.
При крајот, публиката беше на нозе на популарната тема „Јас сум Марија“ од танго-операта „Марија од Буенос Аирес“ од Пјацола.
М. ЏАРОВСКА