ИСКРЕНО ЖАЛАМ ПО СКОПСКИ САЕМ, ВЕЛИ РУЖИЦА МИЛОШЕСКА-БРЧИОСКА ПРЕД КОНЦЕРТОТ НА „АРЕА“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По повод 25 години од албумот „Врати на имагинација“, рок бендот „Ареа“ ќе одржи концерт во салата „Јане Сандански“ во Скопје на 8 ноември. Ова исто така се совпаѓа со 25-годишнината на големиот концерт на „Ареа“ на тогашниот Скопски саем.

„Иако беше одамна, концертот во 2000 на Саем ми остави големи впечатоци во сеќавањата, кои и сега ми се свежи. Знам дека имаше многу публика, а ние не го очекувавме тоа, некои од дојдените останаа пред врата зашто салата не собираше веќе. Ние иако интензивно се подготвувавме за концертот, огромниот интерес нѐ збуни. Атмосферата беше предобра. На овој концерт, со оглед на искуството, ќе бидеме многу подобри на сцена. Ќе ги свириме песните од албумот ‘Врати на имагинација’ и се разбира, песни од останатите наши албуми“, вели пејачката Ружица Милошеска-Брчиоска.

Таа вели дека жали по Саемот кој беше срушен во 2018.

„Па да, искрено жалам. Не само поради концертите што се одржуваа таму, туку и поради сите други манифестации. Првенствено убаво беше што имавме саем“, вели музичарката.

Од „Авалон“ велат дека прво сакале да го издадат албумот „Врати на имагинација “ на луксузен винил.

„Тоа го направивме, винилите пристигнаа. Ова е безвременски албум кој го издржа товарот на времето, албум на кој буквално сите песни се хитови и заслужува да биде овековечен на винил“, велат од „Авалон“.

Билетите се продаваат преку мрежата на Авалон букинг.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов