ЈАКОВ ЈОЗИНОВИЌ СО КОНЦЕРТ ВО ОХРИД НА 3 АВГУСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот поп-пејач Јаков Јозиновиќ ќе одржи концерт во Охрид на 3 август во Антички театар, објави тој на социјалните мрежи. Јозиновиќ, кој за кусо време стана ѕвезда во регионот, ќе има концерт во Скопје на 9 април во салата „Јане Сандански“.

Јаков Јозиновиќ стана популарен во 2018 со учеството на музичкиот натпревар за млади таленти „Ѕвездички“, а подоцна и на „Суперталент“. Најголемо внимание привлекоа неговите настапи на улица и градски плоштади, каде што пееше хитови од Ѓорѓе Балашевиќ, Оливер Драгојевиќ и Здравко Чолиќ. 

Неговиот втор сингл „Јас сакам“ (Ја волим) стана голем хит и има 13 милиони прегледи на Јутјуб за еден месец. Јаков беше гостин на шоуто „Златна бубамара на популарноста“ во февруари, каде што доби награда за откритие на годината..

„Иако сум млад, некако тоа природно дојде до мене. Оливер Драгојевиќ и Дино Мерлин се слушаше во моето семејство, Здравко Чолиќ сам го препознав и почнав да го слушам. И од мојата 10-та, па до 20. година спонтано ми влегуваше во главата. И сфатив дека, всушност, тоа е она што јас најмногу го чувствувам и сакам да ѝ го пренесам на публиката. Од македонските пејачи пеам песни од Тоше, но би сакал да научам и други“, рече Јозиновиќ на прес-конференција во Скопје.

Фото: К. Попов